И покрај многуте жртви и тешко повредените лица на македонските патишта, значаен дел од возачите продолжуваат да се неодговорни и силно ги прекршуваат сообраќајните правила. МВР лепи казни, а во последно време и приведува такви возачи. Во тој правец вчера полицијата лишила од слобода шофери во Ресен, Кичево и Богданци кои управувале возила под дејство на алкохол или со брзина многу поголема од дозволената.
Во Ресен, полициски службеници вчера лишиле од слобода 40-годишник кој имал 1,56 промили алкохол во крвта.
Исто така вчера кај Кичево сообраќајците привеле 38-годишник кој возел со брзина од 107 километри на час во населено место каде максимално дозволената брзина е 50 километри на час.
Ноќеска е приведено и лице од Богданци кое имало дури 1,86 промили алкохол во крвта, по што веднаш било исклучено од сообраќај и задржано во полициска станица.
МВР најавува дека против нив ќе бидат поднесени пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“. Колку сето ова ќе влијае на смирување на збеснатите возачи ќе покаже веќе утрешниот полициски извештај. Сепак, и без казни свеста кај возачите мора да проработи.
