Министерството за внатрешни работи започна внатрешна постапка по објавите во дел од медиумите дека две лица биле физички нападнати од полициски службеници при интервенција на подрачјето на Скопје, при што, според наводите, бил оштетен и нивниот автомобил.
По налог на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, случајот го испитува Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
Од МВР соопштија дека се преземаат сите потребни активности за целосно утврдување на фактите и околностите поврзани со настанот, како и за проверка дали постои евентуална одговорност кај полициските службеници кои учествувале во интервенцијата.
По завршувањето на постапката, институцијата најавува дека ќе постапи согласно законските прописи и ќе ја информира јавноста за резултатите од истрагата.
Во меѓувреме, Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и целосно расчистување на случајот.
Од партијата тврдат дека станува збор за двајца млади, на возраст од 21 и 23 години, кои, според нивните изјави, биле брутално малтретирани од полициски службеници.
