Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која престојува во официјална посета на Скопје.
По средбата, Муцунски оцени дека посетата претставува силна потврда за европската перспектива на земјата и за определбата на Владата да продолжи со реформските процеси.
„Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Посетата е силна потврда за европската ориентација, посветеноста на Владата на реформските процеси, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и јасната определба за напредок во европската интеграција“, истакна Муцунски.
Тој нагласи дека за Македонија е особено важно процесот на пристапување кон Европската Унија да биде јасен, кредибилен и предвидлив.
Според Муцунски, земјата останува посветена на европските вредности, градењето силни институции и развојот на конкурентна економија, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.
