Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Париз остварил средба со францускиот министер делегиран за Европа, Бенџамин Адад, на која разговарале за натамошно унапредување на билатералните односи, продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво, со посебен фокус на економската соработка.
На средбата, Муцунски нагласил дека европската интеграција е приоритет на Владата, која е силно посветена на спроведувањето на Реформската агенда.
Муцунски информира дека заедно со Адад се согласиле дека е неопходно забрзување на процесот на евроинтеграција и дека истиот треба да биде заснован на мерит-систем.
-Ја нагласивме и нашата улога како фактор на безбедност и стабилност во регионот, а стана збор и за актуелни регионални, европски и глобални прашања, додава Муцунски во објавата на Фејсбук.
