Владата работи на изнаоѓање решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на европска интеграција, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во телевизиско гостување, Муцунски посочи дека постои интерес од страна на европските институции, но и од одредени земји членки на Европската Унија, за поголем ангажман и создавање услови за продолжување на разговорите меѓу Скопје и Софија.
„Нашите позиции се апсолутно јасни – во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека дијалогот треба да продолжи, но дека за одредени прашања, како што посочи, постојат граници до каде може да се разговара. Сепак, според него, има простор за изнаоѓање креативни решенија доколку постои политичка волја од двете страни.
„Доколку има волја од соседна Бугарија, може да се дојде до решение. Имаме обврска да работиме и да најдеме решение“, изјави министерот.
Муцунски информираше дека за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк немало можност за директна средба со бугарски претставници, но дека комуникацијата меѓу двете страни продолжува.
