Претседателите на Кина, САД и Русија, Си Џинпинг, Доналд Трамп и Владимир Путин, би можеле да одржат трилатерална средба во Кина во ноември. Можноста ја најави советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, говорејќи за претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка.
Според Ушаков, Си Џинпинг како домаќин посочил дека се очекува Трамп да пристигне во Кина, додека Путин исто така е поканет.
Тој нагласи дека доколку сè се одвива според најавените планови, би можело да се организира заедничка средба на тројцата лидери.
Самитот е предвидено да се одржи на 18 и 19 ноември во кинескиот град Шенжен. Путин деновиве учествува на самитот на Шангајската организација за соработка, каде што оствари повеќе билатерални средби со светски лидери.
Меѓу нив се Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
