Убиец „сеел” жртви во кумановските села, а системот ги заведувал убиените како лица кои починале од природна смрт. Тоа само го храбрело убиецот да си продолжи со ѕверската активност.
Страшно!
За ова, сега, гробовите почнаа да зборуваат погласно од тогаш надлежни кои требало да алармираат дека убиец шета во кумановско. Она што првично било заведено како „природна смрт”, денес, по ексхумација и нови вештачења, добива сосема поинаква димензија – убиство, насилна смрт.
Серијата сомнителни смртни случаи во Кумановско што истражните органи ги поврзуваат со 25-годишниот овчар Трајко Бојковски, отвори вознемирувачно прашање: Што гледале лекарите кога ги потпишувале посмртните потврди? Дали станува збор за пропуст или површност и дали воопшто биле прегледувани телата? Има ли пропусти и кај полицијата и обвинителството?
Жените биле нападнати, гушени, убиени… тоа се утврдува дури сега по ексхумација и обдукција. Ако трагите на насилство може да се откријат денес, мора да се одговори како тоа не биле видени пред жените да бидат погребани.
Сега има многу работа за истражните органи. И не треба да се застане овде, затоа што дел од овие жени пријавувале дека некој ги демне и има намера да им напакости. Но и тука реакцијата била иста како на лекарите.
