Па добро што си мислат родителите кога ги пуштаат своите разгалени деца да возат по скопските улици без возачка дозвола? Ова прашање пак се наметнува меѓу скопјани по зачестените сообраќајни инциденти во кои учествуваат младинци без дозвола.
Последен таков пример е од пред три дена кога 16-годишно момче, управувајќи автомобил, удрило во пешак кој се здобил со сериозни повреди.
Пред една недела друг осумнаесетгодишник усмрти жена пешак во Скопје. И побегна од држава помогнат дури и од татко му кој би требало сосема на друг начин да реагира, а и претходно да си го воспитува синот.
Сите се сеќаваме на ланската трагедија кога смртно беше прегазена 22-годишна студентка од страна на 20-годишниот кој беше пијан и без возачка дозвола.
Размислуваат ли родителите воошто за можните последици или се презафатени или пак мислат дека само нивните деца и задоволувањето на нивните фрустрации и нагони се најважни?
Бидејќи се чини слабо си поставуваат прашања, тогаш на потег е полицијата. Многу поревносно да ги лови размазените детишта на скопските улици. А потоа строги казни и за нив и за нивните родители.
