Министерот за одбрана Владо Мисајловски учествува на редовниот годишен состанок на министрите за одбрана во рамки на Централноевропската одбранбена соработка, кој се одржува во Брдо-Крањ, Словенија.
На средбата, на која присуствуваат и претставници од земјите од Западен Балкан, се разговара за актуелната безбедносна состојба во Европа и за натамошното унапредување на регионалната одбранбена соработка.
Во фокусот на разговорите се заедничките проекти, размената на искуства, воената мобилност, управувањето со кризи, справувањето со хибридните закани, заедничките воени обуки, како и развојот на капацитетите и способностите на земјите учеснички.
Посебен акцент е ставен и на идните активности насочени кон зајакнување на улогата на земјите од Западен Балкан во евро-атлантската безбедносна архитектура и продлабочување на регионалната соработка.
Во рамки на посетата е предвидено да се одржи и состанок на земјите-членки на Балканските медицински наменски сили, на кој ќе се разгледуваат можностите за понатамошно унапредување на соработката во областа на воената медицина и заедничките капацитети за одговор при кризни ситуации.
