Осврнувајќи се на реакциите на опозициската СДСМ за предлогот на владата за укинувањето на т.н. Пржинска или техничка влада по наредните парламентарни избори, премиерот Христијан Мицкоски повтори дека политичките партии и на лидерска средба се согласиле за напуштање на овој концепт и тие како влада направиле се што треба, па на СДСМ им посака среќа по најавите дека би можеле да го напуштат и парламентот.
Премиерот повикувајќи се на изјава од пратеник на СДСМ истакна дека очекува од нив да го напуштат и Парламентот, а можеби и да ги бојкотираат и следните парламентарни избори за, како што рече, ова раководство на СДСМ да остане и да продолжи да биде раководство и додаде дека тоа би го сметал како нивен избор – да се маргинализираат од политичката сцена, и нема да ги спречи во тоа.
Тој потсети на искуството на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ кога во 1994 ги бојкотираа изборите и оцени дека тогаш лошо поминале.
– Помина лошо и Македонија, зошто тогаш според мене се случи главниот удар врз правосудниот систем во Македонија кога стотици судии во еден ден практично беа избрани во Парламентот кога една опција имаше мнозинство и до ден денес трае тој избор. Јас би ги советувал тоа да не го прават, а се останато е нивен избор – нагласи премиерот Мицкоски.
