Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата дека бил незадоволен од средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека таквите информации не одговараат на вистината.
Според Мицкоски, ваквите тврдења доаѓаат од опозицијата и од, како што рече, медиуми блиски до неа, кои ја искривуваат сликата за разговорите што се одржале.
Тој нагласи дека средбата ја оценил како исклучително квалитетна, содржајна и пријателска, додавајќи дека посветеноста на Европската Унија кон европската перспектива на Македонија претставува дополнителен мотив за продолжување на реформскиот процес.
„Имавме исклучително квалитетен, содржаен и пријателски состанок. Сето она што претставува посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите и така ќе продолжиме и во периодот што следи“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи и дека Фон дер Лајен позитивно ја оценила работата на Владата, наведувајќи дека реформските активности и евроинтегративниот процес биле оценети како инспиративни.
Мицкоски изрази очекување дека во наредниот период ќе има интензивирање на процесите поврзани со европските интеграции и дека ќе се изнајде решение за актуелните предизвици со кои се соочува државата.
