Премиерот Христијан Мицкоски најави дека реконструкцијата на Владата ќе биде формализирана до крајот на јуни, а најдоцна до 1 јули предлог-составот треба да се најде пред пратениците во Собранието.
Тој истакна дека разговорите со коалициските партнери се одвиваат во добра атмосфера и дека во моментов се разгледуваат различни опции, вклучително и можни промени на ресори и кадровски решенија.
„Се разгледуваат секакви опции. Во добра и пријатна атмосфера беше вчерашниот состанок. Многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот, кој се однесува на првиот ешалон“, изјави Мицкоски.
Премиерот најави дека по завршувањето на владината реконструкција ќе следува и втора фаза која ќе ги опфати директорските позиции, подрачните единици и локалното ниво.
Според него, во дел од институциите има простор за подобрување на резултатите, додека за најголемиот број функционери Владата е задоволна од нивната работа.
Мицкоски најави и дека во втората половина на јули ќе започне процес на ажурирање на членството и ново зачленување во ВМРО-ДПМНЕ, кој би траел до крајот на септември.
