Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека развојот на дата-центрите е неповратен процес и дека Владата ќе продолжи да ја води Македонија во таа насока.
Тој ја обвини опозицијата дека со противењето на ваквите инвестиции се однесува неодговорно кон економијата, државата и граѓаните.
Според Мицкоски, дата-центрите се индустрија што интензивно се развива во САД, Европа и азиските земји и Македонија не треба да остане надвор од тие глобални процеси.
Премиерот се повика и на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, како што рече, оценил дека развојот на дата-центрите може да донесе нови работни места, економски успех и пониски даноци.
Мицкоски посочи дека технолошкиот развој во
азиските земји, вклучително и примената на вештачката интелигенција и роботиката, покажува во која насока се движи светот.
Тој порача дека Владата знае каде сака да ја води Македонија и дека ќе продолжи со политики кои, според него, треба да донесат просперитет и подобра иднина.
