Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатило сите барања на Левица при подготовката на измените на Изборниот законик, вклучувајќи го и начинот на финансирање на политичките партии за време на изборната кампања. Тој рече дека власта е подготвена да прифати и две барања на СДСМ, доколку опозициската партија поднесе соодветни амандмани. Станува збор за предлогот гласачите да го заокружуваат името на кандидатот, наместо редниот број, како и за можноста набљудувачите и овластените претставници да поднесуваат постизборни жалби.
Мицкоски ја обвини Левица дека и покрај тоа што сите нивни барања биле прифатени, одбила да го потпише предлогот за измените на Изборниот законик и оцени дека таквиот потег е политички некоректен. Според него, СДСМ се приклучила на таквите обиди и преку филибастеринг настојува да го блокира носењето на законот.
Премиерот нагласи дека единственото прашање од кое власта нема да се откаже е воведувањето електронско гласање за дијаспората на претседателските избори. Тој смета дека ова решение ќе овозможи поголема излезност на иселениците, што е важно поради изборниот цензус за претседателските избори. Дополнително, според него, електронското гласање ќе ги намали трошоците за организирање избори во дипломатско-конзуларните претставништва. Мицкоски порача дека во време на дигитализација и вештачка интелигенција, ваквиот модел веќе успешно функционира во повеќе демократски држави.
Тој повтори дека власта останува отворена за компромис за сите останати прашања. Според премиерот, целта е да се донесе модерен и функционален Изборен законик со широка политичка поддршка.
