Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со коалиционите партнери ВРЕДИ и ЗНАМ постои принципиелен договор околу поделбата на ресорите при најавената реконструција на владата, без да прецизира конкретни имиња на новите министри пред утрешната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера првиот вицепремиер и генерален секретар на ВРЕДИ Беким Сали изјави дека партијата ќе раководи со ресорите за животна средина, економија, европска интеграција, култура, односи меѓу заедниците и правда со кој раководи кадар од ЗНАМ.
-Јас и во изминатиот период, а така и денес и така и утре до 20 часот нема да коментирам ниту ресори, ниту персонални кадровски решенија додека не помине седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.
Според него овој месец приоритети се реконструкцијата на владата и ребалансот на буџетот и евентуално донивелирање на одредени реформски закони кои се потребни за реформската агенда, па промените на замениците министри и во другите ешалони од власта ќе чекаат до септември.
