Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта се сретна со премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Како што информираат од Влада, на средбата била потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави. Разговорите се одвивале во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, при што акцент бил ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и реализација на конкретни проекти од заемен интерес.
Двајцата премиери разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка, оценувајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Била истакната и важноста на поддршката што нашата држава ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, при што беше нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.
Премиерот Мицкоски ја истакнал и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, нагласувајќи дека заедничките вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – претставуваат темел на стабилни и просперитетни општества. Воедно, беше нагласена и улогата на Унгарија во справувањето со мигрантската криза и значењето на соработката во обезбедувањето на регионалната безбедност.
