Шефот на Вишото јавно обвинителство Битола доби мерки на претпазливост откако против него е отворена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Од судот соопштија дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донел решение со кое го прифатил барањето за определување мерки против П.В., виш јавен обвинител од Битола.
Одлуката била донесена по сослушување на осомничениот, во присуство на неговиот бранител, како и по разгледување на фактите и доказите доставени во предлогот на обвинителството.
Според судското соопштение, П.В. се сомничи за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Како мерки на претпазливост му се определени одземање на патната исправа и забрана за преземање одредени работни активности.
Од Кривичниот суд посочуваат дека против решението странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на судот.
