Манчестер јунајтед продолжува со разочарувачките настапи оваа сезона. По поразот во градското дерби од Манчестер сити во Премиер лигата, „црвените ѓаволи“ претрпеа уште еден тежок удар, откако беа елиминирани во 1/16-финалето од Лига купот. На „Олд Трафорд“ подобар беше Брајтон, кој славеше со 3:2 и обезбеди место во следната фаза.
Домаќините одлично го отворија натпреварот и веќе по десет минути имаа предност од 2:0. Најпрво Лејси погоди во осмата минута, а само две минути подоцна Мејсон Маунт ја зголеми разликата откако Маркус Рашфорд одлично ја одзеде топката и му асистираше.
Сепак, Брајтон не се предаде. До крајот на првото полувреме Костулас намали на 2:1 по извонредно долго додавање од Хаџам, со што гостите најавија пресврт.
Во вториот дел Брајтон целосно ја презеде иницијативата. Паскал Грос во 65. минута израмни на 2:2 по грешка и добар пресинг врз одбраната на Јунајтед, а само пет минути подоцна следуваше комплетен пресврт. По одлично изработена акција, Костулас асистираше до Де Кајпер, кој ја затресе мрежата за конечни 3:2 и големо славје на гостите.
Во останатите натпревари од Лига купот, Евертон минимално го совлада Вулверхемптон со 1:0. Победничкиот погодок го постигна Карлос Алкараз во самиот финиш, носејќи им пласман во осминафиналето.
Најголемото изненадување го приреди Флитвуд, кој како член на четвртото ниво на англискиот фудбал го елиминираше Шефилд јунајтед со 1:0. Единствениот гол беше автогол на Норингтон-Дејвис во 57. минута.
Без поголеми проблеми понатаму се пласира и Астон Вила. Тимот на Унаи Емери го совлада Ковентри со 3:1. Абрахам го отвори резултатот, Торп израмни за домаќините, а Рос Баркли повторно ја донесе предноста за Вила пред Абрахам со својот втор погодок да ги постави конечните 3:1.
