Убав резултат за футсал репрезентацијата на Македонија, која обезбеди пласман во главната рунда од квалификациите за Светското првенство. Таа претквалификацискиот турнир во Литванија го заврши со максимален учинок од три победи.
Нашите футсал репрезентативци остварија три победи во три натпревари, потврдувајќи ја фаворитската улога и квалитетот на турнирот. Во последното коло, Македонија ја совлада селекцијата на Литванија со минимални 1-0. Стрелец на победничкиот погодок беше Јанев, кој погоди во 14. минута од средбата.
Претходно, Македонија забележа убедлива победа над Турција со 6-3, како и триумф од 4-2 против Бугарија, со што го заокружи настапот со девет освоени бодови.

