Серијата од две години без пораз во официјални натпревари – вкупно 14 на број – во која се наоѓаше фудбалската репрезентација на Македонија, заврши вечерва на стадионот „Милениум“ во Кардиф.
Во последното коло од Ј-групата за пласман на Светското првенство, Велс убедливо ја совлада Македонија со 7:1. Ова претставува втор најтежок пораз во историјата на националниот тим. Вторпат Македонија прима седум гола на еден меч, првиот пат тоа се случи на „Олд Трафорд“ против Англија (7:0).
Резултатот најдобро ја покажува немоќта на македонските фудбалери во овој дуел. По натпреварот, селекторот Благоја Милевски ја презеде целосната одговорност за резултатот.
„Немавме решение за агресивната игра на Велс. Одговорноста е моја и секогаш ќе биде. Начинот на кој загубивме боли уште повеќе“, изјави Милевски.
Македонија сега го очекува баражот за пласман на Мундијалот. Полуфиналните и финалните двојки ќе бидат извлечени во четврток во Цирих. Познато е дека во полуфиналето противник ќе биде една од следните четири селекции: Италија, Данска, Турција или Украина.
