Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ги оцени одлуките донесени на Самитот на НАТО во Анкара како значаен чекор кон зајакнување на Алијансата и унапредување на колективната безбедност.
Муцунски преку објава на социјалните мрежи порача дека НАТО испраќа јасна порака со заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, развој на одбранбените капацитети и поправедна распределба на обврските меѓу сојузниците.
„Пораката е јасна: НАТО испорачува резултати. Ја потврдивме заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, понатамошно јакнење на одбранбените капацитети, поправедна распределба на одговорностите меѓу сојузниците и континуирана поддршка за Украина“, наведе Муцунски.
Тој информираше дека за време на Самитот остварил повеќе билатерални средби со министри за надворешни работи од земји членки на НАТО, како и со претставници на сојузнички и партнерски држави.
На состаноците, како што посочи, биле разгледани прашања поврзани со билатералните односи, соработката во рамките на Алијансата, но и актуелните регионални и глобални безбедносни предизвици.
„Како посветен и кредибилен сојузник, продолжуваме активно да придонесуваме кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството“, порача Муцунски.
