Македонската фудбалска репрезентација одигра уште еден неубедлив натпревар и ремизираше без голови против Босна и Херцеговина на пријателскиот дуел во Сараево. Средбата на стадионот „Кошево“ заврши со резултат 0-0, во натпревар со мал број вистински шанси и без многу возбудувања пред двата гола.
Домаќините први сериозно се заканија кога Бајрактаревиќ ја погоди гредата од голот на Столе Димитриевски. Македонија првата вистинска можност ја имаше во 31. минута преку Бојан Миовски, кој излезе сам пред противничкиот голман, но во последен момент интервенираше Радељиќ и спречи сигурен погодок.
Во продолжението Босна и Херцеговина беше поопасен противник. Во самиот финиш на првото полувреме Баждар ја погоди стативата, па Македонија имаше и среќа што на пауза се замина без примен гол.
И во вториот дел домаќините продолжија со иницијативата. Мемиќ се закани во 51. минута, а неговиот удар мина покрај голот. Слична ситуација имаше и во 68. минута кога Демировиќ шутираше непрецизно кон голот на Шишковски, кој во меѓувреме застана меѓу стативите на Македонија.
Бројните измени во двата тима не донесоа поголеми промени ниту во играта, ниту во резултатот, па натпреварот заврши без победник и без постигнат гол.
За Босна и Херцеговина ова беше последен контролен натпревар пред настапот на Светското првенство, додека Македонија веќе во понеделник ја очекува нов силен тест против Турција во Истанбул.
