Унгарскиот парламент со двотретинско мнозинство усвои уставен амандман со кој се овозможува предвремено завршување на мандатот на претседателот Тамаш Шујок. Со ова се отвора патот за избор на нов шеф на државата во рок од 30 дена по стапувањето во сила на измените.
Премиерот Петер Маѓар изјави дека со одлуката се спроведува волјата на граѓаните и започнува процес на длабоки уставни реформи. Тој најави дека од септември ќе започне широка јавна расправа за промени во политичкиот систем. Маѓар очекува Шујок доброволно да поднесе оставка или да го потпише законот што овозможува избор на негов наследник. Според него, претседателот првично бил подготвен да ја поддржи реформата, но подоцна се соочил со притисоци.
Лидерот на опозицискиот Фидес, Виктор Орбан, остро се спротивстави на одлуката и предупреди дека насилното отстранување на претседателот би било неприфатливо. Орбан порача дека неговата партија нема да ги признае, како што рече, „агресивните методи на автократијата“. Тој оцени дека претседател избран на таков начин нема да има целосен легитимитет. Усвојувањето на амандманот се смета за една од најзначајните политички одлуки во Унгарија по промената на власта и најавува период на крупни институционални реформи.
