Често во Македонија има измами со кои се ограбуваат постари лица. Те лажни доктори, те лажни полицајци подолго време прават ршум низ земјава. Сега, почнаа овој изум и да го извезуваат надвор, па така загрепската полиција уапсила 25-годишна државјанка на Македонија, дел од група од тројца измамници кои, претставувајќи се како лекари, измамиле 87-годишна жена и ѝ зеле 40.000 евра.
Измамниците постапиле по веќе нам познатата класика – ја контактирале жената и ѝ кажале дека нејзината ќерка е во болница и оти е потребна итна операција. Еден од нив се претставил како лекар, а потоа жена глумела дека е нејзината ќерка, за да ја убедат да ги предаде парите.
Следниот ден, кога осомничената пристигнала на адресата во Загреб и откако ги земала парите била уапсена од полицијата, а по другите две лица, исто така државјани на Македонија, сè уште се трага.
Има ли и други македонски екипи кои се тргнати по истиот бизнис низ регионот не е познато, но познато е дека македонското МВР досега разби неколку вакви групи во нашата земја и се чини има потреба од уште подзасилено работење на полицијата околу ваквите случаи.
