Поднесени се кривични пријави против четворица малолетници и петмина родители поради случајот со меѓуврсничкото насилство врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром, информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, две малолетнички се осомничени за кривично дело насилство, еден малолетник за поттикнување и неовластено снимање, а уште еден малолетник за неовластено снимање на инцидентот. Кривични пријави се поднесени и против петмина родители поради сомнение за запуштање и малтретирање дете.
Од СВР Скопје соопштија дека случајот е целосно расчистен. Инцидентот се случил на 30 јуни во парк во Аеродром, каде што 12-годишно девојче било физички нападнато од свои врснички, додека други малолетници го снимале настанот со мобилни телефони.
По преземените истражни дејствија, Одделението за криминалистичка полиција при ОКР Аеродром и Драчево, во координација со ОКР Кисела Вода, до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривични пријави против инволвираните малолетници и нивните родители.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно најави дека ќе бидат преземени законски мерки не само против директните извршители, туку и против нивните родители. Тој посочи дека биле сослушани жртвата, нејзиниот родител, осомничените малолетници, сведоците и лицата кои го снимале инцидентот, по што, во координација со надлежен јавен обвинител, биле поднесени соодветните кривични пријави.
Случајот беше пријавен од мајката на нападнатото девојче, која информирала дека нејзината ќерка била принудена да клекне и да се извинува, по што била физички нападната, а целиот настан бил снимен и подоцна се појавил на социјалните мрежи.
