Против членови на Управниот одбор на М-НАВ се поднесени повеќе кривични пријави до Обвинителството за организиран криминал и корупција, поврзани со краткорочната позајмица од седум милиони евра за ЈП „Државни патишта“.
Според наводите во пријавите, Управниот одбор првично не ја одобрил позајмицата, но само еден ден подоцна донел спротивна одлука, откако, како што се тврди, добил задолжување од Владата.
Во пријавите се наведува и дека средствата биле исплатени од девизната сметка на М-НАВ во евра, а подоцна биле вратени во денарска противвредност. Подносителите тврдат дека поради курсната разлика настанала финансиска загуба од околу 50.000 евра.
Дополнително, се поставува прашањето дали средствата со кои располага М-НАВ, а кои во голем дел се обезбедуваат од надоместоци за воздушна навигација, законски можеле да бидат искористени за финансирање на патна инфраструктура.
Поднесените пријави сега се предмет на разгледување од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое треба да ги испита наводите и доказите и да утврди дали постојат основи за натамошна постапка.
