Министерството за внатрешни работи соопшти дека ОВР Неготино поднело кривична пријава против правно лице од Скопје, против австриски државјанин со иницијали В.М. како одговорно лице во компанијата и против Р.М. (52) од Гевгелија, раководител на подружница во Кавадарци, поради сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според информациите од МВР, на 13 мај 2026 година полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Неготино, заедно со градежен инспектор од Општина Неготино, утврдиле дека пријавените извршиле градежни активности без исполнети законски услови.
При контролата било констатирано дека бил извршен ископ на канал во должина од околу 600 метри, како и поставување кабли за електрична енергија на потегот од селото Пепелиште кон селото Војшанци.
Од МВР наведуваат дека работите започнале пред да биде платен надоместокот за уредување на градежно земјиште во износ од 1.502.981 денар, како и пред да биде издадено одобрение за градба.
Иако инвеститорот претходно поднел барање до Општина Неготино, постапката не била завршена во моментот кога започнале активностите на терен.
Со ваквото постапување, според полицијата, е предизвикана штета врз буџетот на Општина Неготино во висина од над 1,5 милиони денари.
