Еден од најдобрите фудбалери во историјата, Кристијано Роналдо, денес го прославува својот 41-ви роденден. Поранешниот клуб Манчестер јунајтед му упати јавна честитка на Португалецот преку социјалните мрежи, објавувајќи порака со едноставно „Среќен роденден!“ и означување на неговиот профил.
Во текот на својата богата кариера, Роналдо настапуваше за Спортинг Лисабон, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и Ал-Наср, оставајќи силен печат во секој клуб.
Статистиката на португалската ѕвезда е импресивна — досега има постигнато 961 гол, од кои 818 на клупско ниво и 143 за репрезентацијата на Португалија.
Роналдо е петкратен освојувач на Лигата на шампионите, трипати шампион на Англија, двократен шампион на Шпанија и Италија, како и европски првак со Португалија од Европското првенство во 2016 година.
Индивидуално, тој има освоено пет „Златни топки“ и четири „Златни копачки“, со што останува еден од најнаградуваните фудбалери на сите времиња.







