ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си најдоа нова тема за допишување.
Најпрво вчера СДСМ обвини дека огромен скандал е доделувањето бизнис на компанија „Хронос сум“ чиј сопственик Миодраг Давидовиќ-Дака е на црната листа на САД. Портпаролката Богданка Кузеска изјави дека од јануари годинава министерката Божиновска ја ставила оваа компанија во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
„За ВМРО-ДПМНЕ сѐ е бизнис и ниту црната листа на САД не е пречка“, констатира Кузеска.
Денеска одговорија од ВМРО-ДПМНЕ дека во СДСМ се добро запознаени со контроверзниот проруски бизнисмен, Миодраг Давидовиќ – Дака, затоа што овој човекот бил бизнис партнер на нивниот претседател во сенка, Зоран Заев, кој сè уште ги влече конците во СДСМ и управува со Венко Филипче.
„Македонската јавност за постоењето на Давидовиќ – Дака дозна во времето на власта на Зоран Заев во 2020 година, кога на социјалните мрежи излегоа аудиоснимки за тоа како токму Заев зел пари за да се види со него и да направат некаков бизнис. На снимките се слуша Дака како вели дека на Заев му дал 300 илјади евра и 2.000 квадрати земјиште, за возврат да добие контра услуга. Понатаму во снимката, Дака вели дека Заев овие пари ги искористил за инженеринг на референдумот за името“, напишаа од владеачката партија.
