Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски ќе биде нов министер на Министерството за здравство, а досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински ќе роводи со ФЗО, објави лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по синоќешниот состанок на Извршниот комитет на партијата.
Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за министер за социјална политика, демографија и млади е предложен досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски, а за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите кој досега беше вицепремер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. За министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите е предложен Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицискиот партнер „Вреди“ ќе раководи со Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, како и со Министерството за односи меѓу заедниците. Претседателот на коалициониот партнер ЗНАМ Максим Димитриевски претходно кажа дека неговата партија ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а министер ќе биде досегашниот државен секретар Борче Серафимовски. На чело на Министерството за јавна администрација останува досегашниот министер Горан Минчев.
Мицкоски најави дека се укинува досегашниот ресор за добро владеење, а тој сектор ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот. Мицкоски најави и дека Демократската партија на Турците влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ќе добие министер без ресор.
Предлог-составот на Владата ќе биде доставен до Собранието до 3 јули.
