Министерот за здравство, Сашко Клековски, најави дополнително вонредно прскање против комарци, испраќање СМС-пораки со препораки до жителите во загрозените подрачја и засилена контрола на живината, со цел спречување на ширењето на западнонилската треска.
Тој апелираше граѓаните да покажат максимална дисциплина и, каде што е можно, да ги намалат водените површини и рекреативните базени, бидејќи тие претставуваат идеални места за размножување на комарците.
„Во Скопје, преку анализи на Google Maps, се забележани бројни водени површини во погодените населени места кои се користат за рекреација. Потребна е зголемена дисциплина од сите нас. Знаеме дека е тешко во услови на високи температури да се очекува луѓето да ги празнат базените, но мораме да апелираме на максимална претпазливост. Историски гледано, август и септември се месеци кога ваквите епидемии го достигнуваат својот врв“, изјави Клековски.
Министерството ќе достави конкретни насоки до сите засегнати општини.
Епидемијата на западнонилска треска во Скопје официјално беше прогласена на 12 август во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Во овие подрачја ќе се спроведе и вонредна контрола на живината.
„Договоривме вонредна контрола на живината, особено на слободно одгледуваните кокошки во близина на каналите за наводнување. При последното поголемо појавување на западнонилската треска во 2019 година, една од девет испитани кокошки беше позитивна, токму во едно од подрачјата што и сега е погодено. Ќе биде засилена и ентомолошката контрола, односно следењето на присуството на комарци, а тие податоци ќе бидат земени предвид при организирањето на прскањето“, додаде министерот.
Клековски ги повика граѓаните да ја известуваат Агенцијата за храна и ветеринарство доколку забележат угинати диви птици, особено гаврани, кои се сметаат за природни резервоари на вирусот.
Според последните податоци, во Македонија се регистрирани 35 случаи на западнонилска треска. Евидентирани се три смртни случаи, а на болничко лекување се наоѓаат 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба.
