Кина упати остро предупредување до Европската Унија поради најавениот Закон за забрзување на индустријата, заканувајќи се со контрамерки доколку Брисел продолжи со неговото усвојување во сегашната форма.
Предлогот на Европската комисија има за цел да ја зајакне домашната економија и да ја намали зависноста од странски пазари, со фокус на чистите технологии, автомобилската индустрија и енергетски интензивните сектори. Една од клучните мерки предвидува електричните возила што добиваат државна поддршка да бидат произведени во ЕУ, со најмалку 70 проценти компоненти од земјите членки.
Дополнително, се воведува засилен надзор врз странските инвестиции во стратешките сектори, што според аналитичарите најмногу ќе се одрази на кинеските компании, иако тие не се директно споменати во текстот.
Пекинг реагираше дека ваквите мерки се дискриминаторски и спротивни на правилата на Светската трговска организација, најавувајќи заштитни чекори доколку законот биде изгласан.
Паралелно, Европската Унија воведува и нови царински правила за мали пратки, при што од јули 2026 година сите пакети под 150 евра ќе подлежат на фиксна давачка – потег што директно ги погодува азиските онлајн трговци.
Аналитичарите предупредуваат дека можен е одговор од Кина преку ограничување на пристапот до нејзиниот пазар или нови регулаторни бариери за европските компании, што би можело дополнително да ги заостри економските односи меѓу двете страни.

