Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека наставниците во март следната година ќе добијат ново зголемување на платите, согласно договорот постигнат со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, Јаневска истакна дека покачувањето е сигурно и ќе биде реализирано во согласност со договорената динамика.
„Тоа е сигурно и во согласност со договореното со СОНК“, изјави министерката.
Таа нагласи дека наставниците немаат причина да стравуваат за своите примања, бидејќи, како што рече, Владата има јасен план за континуирано зголемување на платите во образованието.
„Претходно имаше потпишувања спогодби, договори, ќе има, ќе нема. Имавме и штрајк. Во овој случај тие се безбедни, не треба да мислат на платите, тие ќе се покачуваат секоја година. В година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, изјави Јаневска.
Според министерката, целта е наставниот кадар да добие стабилни и предвидливи услови, без неизвесност околу исплатите и идните покачувања, што треба да придонесе за поголема мотивација и подобар квалитет на образовниот процес.
