Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски имаше одличен почеток во новиот клуб Баскет Наполи, откако со значаен придонес помогна тимот од Неапол да стигне до победа на стартот од новата сезона.
Баскет Наполи славеше убедливо на гостувањето кај Максима Рома со 74:95, во натпревар во кој гостите од самиот почеток ја контролираа играта и во поголемиот дел од мечот имаа двоцифрена предност.
Клучниот период беше третата четвртина, кога составот предводен од тренерот Јасмин Репеша направи сериозна разлика и стигна до предност од 22 поени, по што без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај.
Јакимовски беше меѓу најдобрите поединци на Баскет Наполи. Македонецот за 24 минути на паркетот постигна 16 поени, а додаде и по два скока и асистенции, со што се најави во новата средина како важно засилување.
Најефикасен кај победничкиот тим беше Џеф Даутин со 19 поени, додека кај Максима Рома се истакна Билан со 18 постигнати поени.
