Полицијата на граничниот премин „Дојран“, според неофицијални информации, спречила обид за шверц на околу 10 килограми марихуана, која била сокриена во пластични пакувања со различни прехранбени намази.
Според информациите, македонски државјани со изнајмено возило се обиделе дрогата да ја пренесат кон Грција, но биле откриени при граничната контрола.
Марихуаната била распоредена во околу 50 пластични кутии, со цел да не предизвика сомнеж кај службите при проверката на возилото и багажот.
Неофицијално, станува збор за внимателно организиран обид за транспорт на дрогата преку границата, а по откривањето на случајот биле преземени дополнителни истражни мерки.
Ова не е прв ваков случај на граничниот премин „Дојран“. Во изминатиот период таму бил спречен уште еден обид за транспорт на поголема количина марихуана, која била пронајдена во товарно возило.
Од полицијата и царинските служби најавуваат продолжување на засилените контроли на граничните премини, со цел спречување на шверцот, нелегалната трговија со дрога и другите форми на организиран криминал.
