Во текот на 2025 година извршителите во Македонија присилно наплатиле 137.368.058 евра, што претставува реализација од 43,63 проценти од вкупно примените барања за наплата. Иако оваа сума е за околу 23,3 милиони евра помала во споредба со 2024 година, податоците покажуваат пораст на средствата наплатени од граѓаните како должници.
Според годишниот извештај за работата на извршителите, најголем дел од наплатените средства – 63.466.121 евра – се однесуваат на компании. Од граѓаните биле наплатени 50.866.174 евра, што е највисок износ досега и првпат ја надминува границата од 50 милиони евра. Од државата се наплатени 24.802.218 евра.
Во однос на претходната година, наплатата од граѓаните е зголемена за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и кај државата е евидентиран пад.
Компаниите не се само најголеми должници, туку и најголеми доверители. Во 2025 година тие преку извршители наплатиле повеќе од 105 милиони евра. Граѓаните како доверители инкасирале над 31 милион евра, додека државата во оваа улога наплатила нешто помалку од 2,5 милиони евра.
Податоците на Комората на извршители покажуваат дека од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година, во изминатите две децении, вкупно се присилно наплатени 2.220.801.014 евра.
Гледано по региони, најголем обем на наплата во 2025 година е реализиран во Скопје – речиси 70 милиони евра. Следуваат подрачјата на Основниот суд Битола и Основниот суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судовите во Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со приближно 9,8 милиони евра.
Во текот на годината биле поднесени 160.971 барања за присилна наплата од страна на компании, од кои 10.257 потекнуваат од банки, а 45.219 од комунални претпријатија.
Во меѓувреме повторно се актуелизираат најавите за законски измени со цел дигитализација и зголемување на ефикасноста на извршната постапка, додека синдикатите бараат намалување на трошоците што ги сносат должниците.
