Сопругата на починатиот Игор Југ, осуден за настаните во Собранието на 27 април, Ивана Југ со емотивна порака на Фејсбук се прости од Кире Ѓорѓиевски, уште еден од осудените во истиот предмет, кој почина во штипскиот затвор.
„Ноќеска не напушти Кире — уште еден од осудените во истото политичко дело во кое беше осуден и мојот сопруг“, напиша Ивана и додаде дека ова повторно ја отворило раната.
„Истата приказна, истата неправда, истата тишина зад затворските ѕидови што зема животи пред вистината да излезе на виделина.
Игор не ја дочека правдата! Замина со болка, со вера дека еден ден вистината ќе победи.
Сега, кога слушам дека и Кире го заврши својот живот во истите околности, срцето ми се кине — затоа што знам што значи тоа. Знам што значи да изгубиш човек зад решетки, во тишина, без правда, без мир“, стои во објавата на Ивана Југ.
Таа на семејството на Ѓорѓиевски им упати најдлабоко сочувство и им посака Господ да им даде сила да издржат во овие тешки моменти.
„Почивај во мир, Кире! Во вечен спомен на Игор — и на сите кои неправдата ги одзеде предвреме“, напиша Југ.
Кире Ѓорѓиевски, кој синоќа почина во штипскиот затвор за настаните на „27 април“ беше осуден на 13 години затвор.
Лошата вест утрово ја објавија неговите пријатели.
„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата, напиша Горан Ангелов во поршталната Фејсбук објава.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
