Во главниот град на Албанија, Тирана, синоќа се одржа 77-ми протест против владата на премиерот Еди Рама, на кој учествуваа и бројни Албанци од дијаспората, испраќајќи пораки за политички промени и поддршка за својата татковина.
Една од организаторите, активистката Сидорела Ватникај, порача дека протестите ќе продолжат сè додека Рама не поднесе оставка и не се воспостави нов политички модел во земјата.
„Оваа политичка класа нè ограби и нè принуди да ја напуштиме земјата. Тука сме затоа што веруваме во нов политички сон, во кој граѓаните ќе ја преземат одговорноста за иднината на Албанија“, изјави Ватникај.
Учесниците, меѓу кои имаше и млади од албанската дијаспора, најпрво се собраа кај поранешната железничка станица, а потоа маршираа до плоштадот „Скендербег“ и пред зградата на Владата, каде што се одржа централниот митинг.
Демонстрантите бараат политички и институционални реформи, посочувајќи ги корупцијата, економските проблеми и иселувањето на младите како клучни предизвици за државата.
Од друга страна, премиерот Еди Рама оцени дека протестите се дел од демократскиот процес и истакна дека е горд што тие се одвиваат мирно, без интервенција на институциите.
Тој, сепак, ги отфрли тврдењата дека демонстрантите го претставуваат мнозинството граѓани, оценувајќи дека зад протестите стојат опозициски партии и различни политички групи, меѓу кои има и крајно леви и крајно десни движења.
Рама истакна и дека социјалните мрежи одиграле значајна улога во мобилизацијата на демонстрантите, тврдејќи дека голем дел од содржините што ги поттикнале протестите потекнувале од странство.
