Македонскиот интернационален фудбалски судија Игор Стојчевски објави дека ја завршува својата судиска кариера, наведувајќи дека притисоците со кои се соочувал во изминатиот период биле главната причина за ваквата одлука.
Преку објава на социјалните мрежи, Стојчевски соопшти дека веќе ги известил претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот на Судиската организација и комесарот за делегирање дека повеќе нема да суди натпревари.
Во последните денови Стојчевски беше во фокусот на јавноста по пријателскиот натпревар меѓу младинските селекции на Македонија и Русија, кој заврши со победа на гостите од 3-2. Реакциите беа насочени кон неговото судење, особено поради четирите досудени пенали на натпреварот.
Во својата порака, судијата истакна дека сака да му се посвети на семејството, кое, како што наведува, се соочува со тешки моменти.
„Ги информирав претседателот на ФФМ и претседателот на судиската организација, како и комесарот за делегирање дека немам намера повеќе да судам. Сакам да бидам со моето семејство во овие тешки фамилијарни времиња и не сакам да дозволам да страдаат моите најблиски со невистини и манипулации што се шират во јавноста од осудувани криминалци“, напиша Стојчевски.
Засега нема официјална реакција од Фудбалската федерација на Македонија во врска со неговата одлука.
