Изборите во Унгарија предизвикаа интерес низ светот, а во Македонија ја разгореа политичката сцена. Едноставно, се најде нов повод за жестоки препукување за тоа кој со кого бил, кој под какво надворешно – политичко влијание бил. Се и сешто се зборува.
Од друга страна имаше и радости и славење. Овој пат тоа се случи во СДСМ каде по подолго време се славеше по избори. Ако веќе не може за македонски, барем на унгарските се израдуваа. Во партија на Филипче како да сметаат дека по победата на опозицијата во Унгарија, по автоматизам тоа значи и промени и во Македонија, за пак тие да дојдат на власт.
Сепак, од Унгарија стигнаа и сериозни вести за Македонија кои заслужуваат внимание. Се работи за статусот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој по бегството од Македонија во 2018 година ужива политички азил во Бунимпешта. Победникот на унгарските избори Петер Маѓар вчера јасно кажа дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што, покрај полски политичари, го спомена и Груевски.
Е сега, кој на ова се радува, а кој стравува, останува да се види, како што треба да си види и како впрочем ќе се развие сета оваа работа. Премиерот Мицкоски рече дека „доколку Груевски се појави во Македонија органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна којашто е согласно правосилна одлука”. СДСМ бара поранешниот премиер да оди во затвор. Но дали Груевски во меѓувреме ќе објасни беше ли пуштен од властите на СДСМ да избега од земјата, останува нејасно.
Инаку, Груевски, скришно ја напушти Македонија пред да започне со издржување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк”.
