Грејната сезона 2026/2027 официјално ќе започне на 15 октомври 2026 година и ќе трае до 15 април 2027 година, информира Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Сепак, системите за греење може да бидат активирани и пред официјалниот почеток на сезоната. Согласно правилата, греењето може да започне од 1 октомври, а да продолжи најдоцна до 30 април, доколку временската прогноза покаже дека просечната надворешна температура за следниот ден ќе биде 12 степени Целзиусови или пониска.
Од РКЕ потсетуваат дека снабдувачите со топлинска енергија имаат обврска во грејните простории да обезбедат температура од 20 ± 1 степен Целзиусов, во периодот од 6 до 22 часот.
Регулаторот ги повика заедниците на станари навремено да ги проверат внатрешните инсталации во зградите и да ги регулираат обврските за потрошена електрична енергија на топлинските потстаници.
„Навремената подготовка на инсталациите и регулирањето на обврските се важни предуслови за грејната сезона да започне и да се одвива без проблеми“, велат од РКЕ.
