Грчкото Министерство за одбрана ја разгледува можноста повторно да ѝ помогне на Бугарија во зајакнувањето на воздушната и балистичката ракетна одбрана со распоредување на системи „Патриот“, доколку за тоа биде поднесено официјално барање и добие одобрување од Советот за национална безбедност на грчката Влада (KYSEA), јавува АНА-МПА, повикувајќи се на извори од Министерството.
Според БТА, по неодамнешните закани од Иран кон европските земји, за кои пишуваше и „Фајненшл тајмс“, грчките власти анализираат повеќе можни сценарија за зајакнување на противвоздушната одбрана.
Една од опциите што се разгледува е батеријата „Патриот“, која моментално е стационирана на островот Карпатос, да биде преместена на Крит, доколку тоа го наложат безбедносните околности.
Од Министерството за одбрана посочуваат дека, во рамки на мерките за регионална безбедност, четири борбени авиони Ф-16 на грчкото воено воздухопловство и фрегатата „Никифорос Фокас“ остануваат распоредени во поширокиот регион заради безбедноста на Кипар.
Само неколку дена по почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран, како и иранските одмазднички напади врз земји од Персискиот Залив, Грција, на барање на Бугарија, распореди батерија „Патриот“ и два борбени авиони Ф-16 во северниот дел на својата територија за заштита на бугарскиот воздушен простор.
