Европските обвинители вчера во Атина поднесоа кривични пријави против 22 лица од јужниот остров Крит за наводна вмешаност во скандал поврзан со субвенции за земјоделски производи од Европската Унија, објави „Катимерини“. Осомничените беа донесени претходно во пристаништето Пиреја и однесени во грчката филијала на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител на сослушување.
Тие беа формално обвинети за наводни кривични дела, вклучувајќи членство во криминална организација со цел извршување повеќекратни измами, управување со криминална организација и измама со субвенции. Обвинети за нелегално примање субвенции за земјоделски производи од ЕУ преку сега веќе непостоечката агенција ОПЕКЕПЕ, која беше одговорна за распределба на средствата во Грција.
Се верува дека стотици луѓе аплицирале за субвенции за фиктивни земјоделски активности на земјиште што ниту го поседувале ниту го изнајмиле. Скандалот доби и политички призвук откако Канцеларијата на европскиот јавен обвинител побара истрага за пратеници и поранешни членови на кабинетот од владејачката конзервативна партија Нова демократија за наводно организирање субвенции од политички пријатели и поддржувачи. Сите негираа дека сториле нешто лошо.
22-те лица обвинети во среда се дел од мрежа разбиена од полициската единица за организиран криминал, во која се верува дека биле вклучени вкупно 138 лица.
Властите, исто така, ги замрзнаа банкарските сметки на 18 осомничени. Истражителите ја проценуваат наводната финансиска штета на околу 3 милиони евра.
Во меѓувреме, се очекува уште 17 осомничени лица уапсени во северна Грција во посебен случај за наводна измама со субвенции од ОПЕКЕПЕ да бидат изведени пред Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител во Атина.
Полицијата во среда соопшти дека покрај 17-те уапсени во вторникот во Солун и северните градови Кавала, Серес и Кукуш, уште 300 лица се обвинети за наводна вмешаност во шемата, која ги чинеше ЕУ и Грција околу 4,5 милиони евра.
Грчките власти ги замрзнаа банкарските сметки на 26 осомничени и конфискуваа недвижен имот што им припаѓаше на осомничени членови на групата.
