Во Гостивар е уапсен 34-годишен маж поради сомнение дека го убил својот 63-годишен татко.
Случајот бил пријавен по полноќ, откако член на семејството изразил сомнеж за сторено кривично дело во семејниот дом. Полициските екипи на местото пронашле безживотно тело со видливи повреди и траги на насилство во пределот на главата.
Осомничениот во првичниот исказ тврдел дека неговиот татко починал претходниот ден по пад во купатилото и дека не го пријавил случајот кај надлежните служби.
За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.
Паралелно, Основното јавно обвинителство информира дека е покрената постапка и во друг случај, каде 27-годишен маж од Росоман е осомничен за убиство на својата мајка. Според истрагата, делото било извршено во семејниот дом, а осомничениот сам се пријавил во полиција.
