Франција се соочува со најслабо производство на вино во овој век, откако екстремните летни горештини и долготрајната суша сериозно ги погодија лозовите насади низ земјата, соопшти француското Министерство за земјоделство.
Според најновите проценки, годинашното производство ќе достигне околу 34,9 милиони хектолитри, што е за два отсто помалку од минатата година и за 14 проценти под просекот од последните пет години.
Од Министерството посочуваат дека намаленото производство е резултат на сè помалата површина под лозови насади, како и на слабите приноси предизвикани од високите температури и недостигот од врнежи.
Поради рекордните топлотни бранови, француската влада минатиот месец најави пакет помош за земјоделците вреден повеќе од една милијарда евра, со цел ублажување на последиците од климатските промени.
Националниот институт за статистика и економски истражувања проценува дека вкупното земјоделско производство во Франција оваа година ќе се намали за околу четири проценти, додека негативното влијание врз економијата би можело да го намали растот на бруто-домашниот производ за околу 0,1 процентен поен.
Меѓународната организација за лозарство и вино потсетува дека Франција и минатата година го забележа најниското производство на вино од 1957 година, а годинашниот дополнителен пад е последица на климатските услови и намалувањето на лозовите насади.
Во некои вински региони, како Лангдок, Русијон и Бордо, се очекува подобар род во споредба со минатата година, иако површините под лозја се намалени. Од друга страна, регионите Шампањ, Бургундија, Божоле и долината на Лоара бележат значително намалување на производството поради сушата и слабите приноси.
