Барселона официјално го потврди ангажманот на англискиот репрезентативец Ентони Гордон, кој пристигнува од Њукасл како едно од најголемите летни засилувања на каталонскиот клуб.
Според информациите од британските медиуми, трансферот е реализиран за сума од околу 79 милиони евра, а во договорот е вклучена и клаузула според која Њукасл ќе добие процент од евентуалната идна продажба на фудбалерот.
Дваесет и петгодишниот крилен напаѓач стави потпис на договор со Барселона до јуни 2031 година и се очекува да има значајна улога во тимот во наредните сезони.
За Гордон интерес во изминатиот период покажуваа неколку европски гиганти, меѓу кои Баерн Минхен и Челси, додека претходно беше следен и од Арсенал и Ливерпул. Сепак, Барселона успеа да ја добие трката за неговиот потпис.
Англискиот офанзивец зад себе има одлична сезона во дресот на Њукасл. Во сите конкуренции одигра 46 натпревари и постигна 17 голови, а особено се истакна во Лигата на шампиони каде што десетпати се запиша во листата на стрелците.
Гордон моментално е дел од националниот тим на Англија на списокот на селекторот Томас Тухел за претстојното Светско првенство. Досега има одиграно 17 натпревари за англиската репрезентација.
Во Њукасл пристигна во јануари 2023 година од Евертон за околу 40 милиони фунти, а за тимот од „Сент Џејмс Парк“ настапи на 152 натпревари.
Сепак, според шпанските медиуми, Барселона не планира да застане тука со засилувањата. Каталонскиот клуб продолжува да работи и на евентуален трансфер на аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, иако мадридскиот клуб засега нема намера лесно да се откаже од една од своите најголеми ѕвезди.
