Голема трагедија го потресе српскиот фудбал денеска, откако тренерот Младен Жижовиќ почина за време на натпреварот помеѓу Младост од Лучани и Раднички од Крагуевац.
Искусниот стратег се сруши на теренот во 22-та минута од мечот и веднаш беше пренесен со брза помош во најблиската болница, но лекарите не успеаја да му го спасат животот.
Жижовиќ, кој беше познат и на македонската јавност како поранешен тренер на Шкупи, остави длабока трага во фудбалот на Босна и Херцеговина. Роден е на 27 декември 1980 година во Рогатица, а својата играчка кариера ја започна во Младост Рогатица, по што настапуваше за Радник Бијелина и Зрињски Мостар, каде што беше важен дел од тимот од 2005 до 2010 година.
Во 2008 година двапати го облече дресот на репрезентацијата на Босна и Херцеговина. По завршувањето на кариерата, се посвети на тренерската професија, водејќи ги Радник Бијелина, Зрињски Мостар, а потоа и Шкупи, Борац Бања Лука и Раднички Крагуевац, клуб во кој настапува и македонскиот репрезентативец Лука Станковски.
Фудбалската јавност во регионот изрази голема жал поради ненадејната смрт на 43-годишниот стратег, кој зад себе остави силен печат како фудбалер и тренер.
