Голема полициска акција се спроведува на повеќе локации во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија, во рамки на истрага против криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медицински производи и суплементи, како и за коруптивни кривични дела.
Според неофицијални информации, досега се приведени шест лица, а полициските екипи продолжуваат со потрагата по други осомничени. Меѓу лицата опфатени со истрагата, според првичните сознанија, има и вработени во Царинската управа.
Претреси се вршат на повеќе од десет локации во главниот град, Тетово и Гевгелија, при што се проверуваат објекти и правни субјекти поврзани со истрагата.
При досегашните активности, во магацински простории на неколку правни лица во Скопје и Тетово биле пронајдени различни видови лекови и медицински препарати. Во еден од објектите, според информациите од истрагата, била пронајдена и машина за екстракција на масло.
Акцијата ја спроведуваат припадници на Одделот за сузбивање на организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи.
Истрагата опфаќа сомневања за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп, како и перење пари.
Полициската акција сè уште е во тек, а дополнителни детали за бројот на приведени лица, пронајдените предмети и понатамошниот тек на постапката се очекуваат од надлежните институции.
