Македонската полиција, во соработка со обвинителството и безбедносните служби од Косово и Грција, разби меѓународна криминална група која организирала транспорт на марихуана, при што во Солун беа запленети повеќе од 324 килограми марихуана.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека акцијата е резултат на повеќемесечна истрага што ја спровел Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и со надлежните служби од Косово и Грција.
На 14 август 2026 година, во Солун биле уапсени македонски и косовски државјанин, а при акцијата биле откриени 324 килограми и 474 грама марихуана, сокриени во товар со рециклирана пресувана хартија.
Паралелно со акцијата во Грција, македонската полиција извршила претреси на повеќе локации во земјава. При претресите биле одземени мобилни телефони и документација, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења и анализа.
По завршување на истрагата, МВР поднело кривична пријава против едно лице, македонски државјанин, осомничен за вмешаност во криминалната група.
Од Министерството оценуваат дека со оваа акција е зададен силен удар врз меѓународниот организиран криминал и е даден значителен придонес во откривањето и документирањето на криминалната мрежа.
