Голем шумски пожар попладнево избувна во борова шума во атарот на селото Црник, Општина Пехчево, во близина на границата со Бугарија.
Огнената стихија зафатила голема површина, а во гаснењето се вклучиле пожарникари, вработени во шумските претпријатија и доброволци.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, информира дека во моментот кога била добиена пријавата за пожарот кај Црник, дел од расположливите сили од Пехчево и Берово веќе биле ангажирани на пожарот кај селото Бигла во Делчевско.
По новата информација, дел од екипите биле пренасочени кон Црник, каде во интервенцијата се вклучиле Територијалната противпожарна единица од Берово, шумските претпријатија од Пехчево и Берово, како и доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Пехчево.
На барање на локалните власти, во гаснењето биле ангажирани и ер-трактори, кои претходно дејствувале кај пожарот во Бигла. Воздухопловите извршиле повеќе налети и исфрлиле вода врз огнената линија, што значително помогнало пожарот да биде локализиран и ставен под контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој бил на терен, оцени дека станува збор за сериозен пожар во борова шума и предупреди дека опасноста сè уште не е целосно отстранета.
„Сè уште се гледа чад. Се надевам дека е добро заокружен, дека нема да побегне надвор“, изјави Ангелов, посочувајќи дека пожарите во борова шума се особено тешки за гаснење.
Планот на надлежните е во текот на утрешниот ден пожарот целосно да биде изгаснат и да не дојде до повторно разгорување.
